Како резултат на измените предвидени со член 4-а на Законот за данокот на добивка, во примена од 01.01.2019 година, донесен е правилник со кој е пропишан нов даночен биланс за непрофитните организации Образец „ДБ-НП/ВП“ .
Кои организации ќе поднесуваат ДБ-НП/БП?
Членот 4-а став 1 од Законот предвидува дека Здруженијата на граѓани, фондациите, сојузите, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување (во натамошниот текст: организации), регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, не се обврзници за данок на добивка.
Сепак организациите дефинирани погоре согласно ставот 3 од истиот член, доколку остваруваат приходи од стопанска дејност тогаш стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку вкупниот годишен приход од стопанската дејност е поголем од 1.000.000 денари.
Кои се неоданочиви приходи кај непрофитните организации?
- Членарина (за која не се добиваат услуги)
 - Доброволни прилози
 - Донации
 - Грантови
 - Подароци
 - Завештанија
 - Легати
 - Средства од Буџети (на РМ, локални и буџет на градот Скопје)
 
Кои се оданочиви приходи кај непрофитните организации?
- Средстава за која се добиваат услуги (реклама, чланарини за кои се добиваат услуги, пример:обуки...)
 - Кирии и закупнини
 - Приходи од инвестиции, дивиденди и заеми
 - Камати на орочени средства и други
 
Како се пресметува данокот?
Данокот на вкупен приход за овие обврзниците се пресметува и плаќа во висина од 1% од износот на остварените вкупни приходи од стопанска дејност во календарската година, на износот кој надминува 1.000.000 денари.
Пример: Здружение на граѓани во 2019 година остварува приходи од: членарини, донации, Буџет на РСМ, закупнини и камати и тоа:
- Чланарини 1.000.000
 - Донации 500.000
 - Буџет на РСМ 300.000
 - Приходи од закупнини 2.000.000
 - Камата на орочен депозит 100.000
 
Приходи од стопанска дејност 2.100.000 (2.000.000+100.000)
- Даночно ослободување 1.000.000
 - Даночна основа за ВП 1.100.000
 - Данок на вкупен приход 1% 11.000
 
Рокови
- Завршната сметка се доставува до крај на Февруари наредната година
 - Данокот се плаќа во рок од 30 дена по рокот за доставување на образецот
 
Во членот 39 став 4 од Законот е наведено дека здруженијата на граѓани и фондации се должни утврдувањето на данокот на вкупен приход да го вршат врз основа на даночен биланс на непрофитни организации – образец „ДБ-НП/ВП“ кој ќе се доставува до Управата за јавни приходи во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за сметководството за непрофитните организации, а плаќањето на данокот се врши најдоцна во рок од 30 дена по рокот за доставување на образецот.
Формата и содржината образецот „ДБ-НП/ВП“ е пропишана со Правилникот за формата и содржината на даночниот биланс на непрофитни организации (“Службен весник на РСМ, бр. 216/19) кој влегува во сила од 19 Октомври 2019 година.