24.12

Нов Предлог-закон за сметководствени работи

Нов Предлог-закон за сметководствени работи со којшто се унапредува сметководствената професија е предложен од страна на Министерството за финансии и истиот е усвоен на владина седница на 22 декември 2021.

Што носат одредбите од новиот закон за сметководствени работи?

Либерализација на пазарот на организирање обуки за вршење сметководствени услуги

Предлог-законот е во насока на либерализација на пазарот на организирање обуки за вршење сметководствени услуги (КПУ), при што се овозможува влез на нови правни субјекти врз основа на претходно исполнети критериуми.

 

Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија

Со цел воведување надзор над сметководствената професија од самостојно и независно тело, со Предлог-законот се предлага воспоставување Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на РС Македонија кој како независно регулаторно тело ќе обезбеди соодветно применување на сите принципи за спроведување на обуките за КПУ, истовремено грижејќи се за континуираниот раст и развој на целокупната сметководствена фела, сè до обезбедување гарантирано имплементирање на сите потребни мерки за примена на меѓународните сметководствени стандарди.


Зголемена одговорност на сметководителите

Правото на вршење сметководствени услуги во РС Македонија ќе се стекнува само со исполнување на критериумите дефинирани со Законот. 

Лицата што вршат сметководствени работи ќе имаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, и обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишната сметка и на финансиските извештаи, како и нивната усогласеност со законските одредби. 

Сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска за задолжителна професионална едукација и почитување на општоприфатените етички принципи на професијата.

 

ИСОС правно лице со јавни овласувања

Со предложениот Закон, Институтот за вршење сметководствени работи ќе се дефинира како правно лице со јавни овластувања, а воедно ќе се операционализира неговото работење со воспоставување органи на управување и акти за работење на Институтот.


 Извор https://finance.gov.mk/